На Деновите на македонската книга во Москва претставена „Послание. Поезија на Блаже Конески на руски”

На Деновите на македонската книга што се одржаа во Московскиот дом на националностите во рамки на проектот „Читаj jа Македониjа!”, претставена беше книгата „Послание. Поезија на Блаже Конески на руски”. Најавена е и новата поетска збирка „100 песни на Блаже Конески во препев на руски” коjа се подготвува токму за јубилејот на поетот. Стогодишнината од раѓањето на Конески е вклучена во календарот на значајни настани за 2021 година на УНЕСКО.

Блаже Конески е истакнат македонски писател, јазичар и историчар, еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и значајна личност во македонската книжевност, втемелувач на македонистиката на Филолошкиот факултет во Скопје (кој денес го носи неговото име), ценет професор, еден од основачите и прв претседател на МАНУ. Конески по Втората светска војна активно се вклучува во стандардизирањето на македонскиот јазик и ја изработува граматиката на современиот македонски јазик. Го составил и правописот на македонскиот литературен јазик, а исто така бил уредник на „Речникот на македонскиот јазик“. Конески е основач на студиите по македонистика на Скопскиот универзитет.

Тој е роден во прилепско Небрегово, на 19 декември 1921, а починал во Скопје, 7 декември 1993. Денес неговата родна куќа во Небрегово е уредена во духот на архитектонскиот стил од крајот на 19 век, кога и била изградена. Објектите во дворот биле обновени и го задржале својот автентичен изглед, а дел од собите биле претворени во музејски простории и места за културни средби. Овој објект како значаен споменик на културата, припаѓа на руралната архитектура.

Share This Post