Рашковски спроведен во затворот во Шутка, прифатена жалбата на јавниот обвинител

Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, доби 30-дневен ефективен притвор.

Попладнево, Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција ја прифати жалбата на јавниот обвинител и му определи 30-дневен притвор на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски во врска со „истрагата за набавка на софтвер“.

Тој попладнево веќе е спроведен во затворот во Шуто Оризари. Директорот на затворот Филип Андонов вели дека Рашковски согласно протоколите за заштита од Ковид-19, ќе биде сам во ќелија десетина дена.

Освен Рашковски, ефективен притвор е одреден и за Даниел Станчев, сопственикот и управител на фирмата „Инвока груп“ којашто го доби тендерот за софтверот за сообраќајни прекршоци.

На 16-ти овој месец судија на претходна постапа во Основниот кривичен суд – Скопје му одреди куќен притвор на Рашковски, осомничен во случајот за јавна набавка на софтерот за сообраќајни прекршоци. На распит беше спроведен и Даниел Станчев од  Друштвото за инженеринг, информатика и дигитален дизајн „Инвока груп“, од кое Генералниот секретаријат на Владата го купил софтверот за определување на брзина на возила во сообраќај и изрекување казни, кому судот исто така тогаш му определи мерка куќен притвор.

Во истрагата се осомничени уште две лица, меѓу кои е и хонорарец во Владата, на чија фирма се води џипот од марката Волво кој го употребува за секојдневни потреби Рашковски. Хонорарецот Игор Христов и другото осомничено лице,  добија мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето, обврска да се јавуваат во судот, одземање на пасошите и други патни исправи и забрана за издавање на нови, како и забрана за преземање работни обврски поврзани со кривичното дело.

Истрагата опфаќа три тендери, сите поврзани со софтверот. Според Обвинителството, Рашковски со еден од останатите осомничени ја договорил набавката на софтверот доставувајќи сопствен патент за кој дал насоки да се изготви техничката документација за јавната набавка.

Вкупната сума со која според Обвинителството се стекнале фирмите што ги добиле тендерите, а на штета на државниот буџет, е околу 180 000 евра.

Share This Post