За македонските работи – Предговор

Секој човек, како член од некоја општина или од некое другарство, има извесен долг и извесни права кон и од нив. Народот не е ништо друго, освен едно големо другарство, основано на крвно родство, на општ произлез, на општи интереси. Паметувањето на тоа родство, тој произлез и тие интереси го натеруваат секој член од некој народ да се одрече од некои свои права и интереси за да му посвети дел од своите сили на општото добро. Тоа е долгот кон народните интереси, за што членот од народноста добива заштита на своите лични интереси таму, каде што не се доста само неговите сили. Долгот кон народот е тесно врзан со долгот кон татковината, зашто поимот народ е тесно врзан со поимот татковина. Долгот кон народот и татковината зависи од историските прилики што ги преживува еден народ и една земја. Тој се применува според приликите. Долгот кон татковината и народот, до неговото исполнување, се вика народен идеал и кон неговото исполнување треба да се стреми секој свесен човек. Народниот идеал се применува според историските прилики, и тоа што денеска било народен идеал-утре, по неговрто осаштествување, ќе му отстапи место на друг, за кој понапред малку се мислело. Често пак од еден народ историските прилики бараат или корено изменување на народните идеали, коренен обрат на идеалите во друг правец, или го загрозуваат него со полно уништожување. Народните идеали, или долгот кон татковината, се разбираат од разни членови на народот различно. Кој најверно го разбрал вистинскиот и најправиот народен идеал се гледа со порамнувањето на разбирањето на народниот идеал од разни лица. За да може да се направи порамнување и оценување на различно разбраните народни идеали, треба тие да бидат искажани усно или на книга. Искажувањето на своето разбирање на народните идеали и критиката на таквите не е празна работа, зашто идеалите се душата на општата народна работа и од здравоста на таа душа зависи и здравоста и плодовитоста на самата општонародна работа. Лошо разбраните народни идеали само ги зголемуваат народните несреќи, без да му донесат полза на народот.

Така разбирајќи го долгот кон татковината, јас се решив, прво, да го изложам моето разбирање на народните идеали на Македонците во еден ред расудувања, прочитани во петроградското Македонско словенско научно-литературно другарство „Св. Климент”, а после и да ги напечатам во оваа книга, каде што се поместени и расудувања непрочитани во споменатото другарство. Со тоа мислам дека исполнувам, спроти моите сили, еден дел од мојот долг кон народот мој и кон татковината моја.

Резиме:

Секој човек има и право и долг јавно да ги изразува своите разбирања за стратешките интереси на својот народ. Само преку општонародна расправа за тие стратешки интереси може да се одбегне тие да бидат погрешно разбрани и да доведат до несреќи и страдања. Оваа книга е мој придонес во таа насока.

Многу македонски читатели ќе бидат зачудени од оваа книга и идеите искажани во неа. Едни ќе речат: зошто одвојување од Бугарите, кога до сега сме се бореле заедно. Други ќе речат дека со нашето целосно одвојување како народ ќе бидат ослабнати интересите на сите балкански словени, а ние Македонците ќе мора да ја започнеме борбата од почеток. Трети ќе ме нападнат дека јас проповедам во корист на Турција и големите сили, кои не се грижат за нас Македонците.

Оваа книга навистина зборува и за одвојување и за соединување. Одвојување од оние од кои веќе сме одвоени, со кои никогаш нема да ни дозволат да се соединиме. Соединување со оние со кои имаме морална должност да се соединиме и со кои тоа соединување е можно. Ако со нашето одвојување од балканските словенски народи постигнеме да се соедини сето македонско словенско население во една целина, ние нема да ослабнеме, туку ќе зајакнеме. Точно со исполнувањето на идеите во оваа книга ќе се оправда поговорката дека силата е во соеднинувањето.

Сега се поставува прашањето: дали со нашето одвојување од балканските народи корист ќе имаат нашите непријатели, и кои се нашите непријатели? Во Бугарија е во мода да се зборува дека најголеми непријатели на балканските словени се Русите и Австро-Унгарците, зашто сакаат да ја користат Македонија за да ги ослабнат и Србите и Бугарите, па Русија да ги завладее Бугарија и Истанбул, а Австро-Унгарија – Србија и Солун. Тоа е бугарско гледиште и немам намера да го поткрепувам. Напротив, јас како Македонец сметам дека не се Русија и Австро-Унгарија непријатели на Македонија, туку Бугарија, Грција и Србија. Само со енергична борба со тие три држави ќе ја избавиме од погубување нашата татковина.

Револуцијата не е единствен начин да се остварат нашите македонски интереси. Илинденското востание бидна и донесе ужасни последици за нас. Сега е време да го искористиме тоа малку што се доби од востанието: Мирцштегските реформи и да се насочиме накај постепен развој на нашиот народ во морално-религиозен правец. Да ги избркаме неканетите гости: Бугари, Грци и Срби, кои ни се мешаат во националните интереси. Да го отфрлиме превезот на националните и верските пропаганди во Македонија за да ги погледнеме со свои очи нашите македонски интереси.

Ќе бидеме лојални на турската власт, но доколку се спроведат цела низа реформи кои ќе ги бранат нашите интереси за национално и културно развивање. Тука потпора ќе ни бидат два меѓународни акти: февруарските реформи и Мирцштегскиот проект.

Знам дека ова ќе биде дочекано со иронија од мнозина. Но руско-австриските реформи се меѓународен акт и им даваат право на Македонците да настојуваат пред големите сили да бидат исполнети во целост. Нека не мислат дека тие реформи можат да бидат погребани, како што беше погребан 23-тиот член од Берлинскиот договор. Тој член беше погребан, но не од Европа, туку од Бугарија која со насилен преврат, прекршувајќи го Берлинскиот договор, си ја припои Источна Румалија, и така го погреба целиот договор.

Во овие руско-австриски реформи, освен овие две држави и Турција, како единствен важен фактор се јавуваме само ние Македонците. Не смееме да и дадеме на Турција оправдание да не ги спроведе тие реформи. Така самите ќе си напакостиме, како што тоа го покажа Илинденското востание. Овие реформи беа донесени за да се спречи едно такво сенародно востание. Но комитетот почека два-три месеци и потоа објави со „чиста совест“ дека востание сепак ќе има. Така и дадоа на Турција оправдание да го одложи спроведувањето на реформите.

Тоа е содржината на книгата, и во согласност со мојата заложба за одвојување на нашите интереси од интересите на балканските словенски народи, ја пишувам на централното македонско наречје, кое од сега натаму има да биде македонски литературен јазик. /W/

Share This Post