Крсте Петков Мисирков

Д-р Крсте Петков Мисирков (Постол, Егејска Македонија на 18 ноември 1874 – Софија, Царство Бугарија на 26 јули 1926) — македонски филолог, кодификатор на македонскиот книжевен јазик и правопис, славист, историчар, етнограф, аналитичар на национално-политичките проблеми, публицист, собирач и проучувач на македонското народно творештво. Се смета за еден од првите основоположници на современиот македонски книжевен јазик, активен учесник во македонските научно-литературни и национално-политички друштва во Белград, Петроград, Одеса и Софија, раководител на ТМОК и еден од најзначајните македонски личности во 20 век.

Мисирков е автор на книгата „За македонските работи“, списанието „Вардар“ и голем број на научни статии објавени во различни весници. Покрај авторската дејност тој се занимавал и со превод на книжевни дела и собирање на народни творби.

Живот и дејност

Крсте Петков Мисирков е роден во ноември 1874 година во селото Постол, во Егејска Македонија. Селото се наоѓа недалеку од античката македонска престолнина Пела. Шест одделенија основно училиште завршил во родното место, слушајќи настава на грчки јазик. Лошата материјална сoстојба на неговото семејство не му дозволила да го продолжи веднаш неговото образование. По неколкугодишна пауза, Мисирков се здобил со стипендија од српското друштво „Свети Сава“. Тоа биле првите знаци и активности за навлегување и на српската пропаганда во Македонија, преку воспоставување на разни стипендии за едуцирање на т.н. свој кадар како што веќе правеле грчката и бугарската пропаганда во Македонија.

Користејќи ја извесно време оваа стипендија, Мисирков сфатил дека и српската буржоазија ја започнала својата игра. Чувствувајќи ја денационализаторската политика, тој учествувал во немирите што ги пројавиле македонските стипендисти. Потоа со неколкумина свои едномисленици заминал од Белград во Софија. Тоа што го дочекало во Бугарија речиси по ништо не се разликувало од Србија. За да го продолжат понормално своето образование во Софија, македонските студенти морале да се пишат како Бугари. Мисирков не го прифатил тоа. Тој повторно пребегнал во Србија, за да запише трет клас, но сепак тоа не му успеало. Во Белград, сакал или не сакал, се запишал во прва година како семинарист на богословско-учителската школа, која имала своја посебна цел и тоа: македонските ученици да ги подготвува за српски свештеници и учители кои подоцна би се вклучиле на македонски терен за да ги пропагираат српските интереси. Овој пат македонските ученици го искажале своето незадоволство, кренале бунт, по кој училиштето било затворено, а македонските ученици биле испратени во внатрешноста на Србија. Така Мисирков се нашол во Шабац, каде завршил четврти клас гимназија.

Крсте Петков Мисирков, иако ја завршил гимназијата, сепак се решил повторно да се запише во друго средно училиште: белградската учителска школа, која целосно ја завршил во 1895 година. Во ова училиште Мисирков основал ученичка дружина и ја нарекол „Вардар“, со своја програма која членовите на дружината Негоіите членоіи да се запознаіат и да си изработат іедна програма, коіа ке iа осашчествуваат во Македониіа таіно од србцката пропаганда. Членовите на дружината во извесна смисла ја продолжиле идејата на т.н. „Лозари“. Тоа за Мисирков претставувало почеток на организирана национално-политичка активност која ќе продолжи околу 30 години.

Деновите во Русија

По завршувањето на учителската школа Мисирков се здобил со служба во Приштина. Но, наместо да се појави на своето работно место, Мисирков тајно се префрлил во Одеса. Таму не му го признале образованието.

Така, Мисирков бил принуден да се запише во духовна семинарија во Полтава и дури по две години да започне со студирањето: отпрвин на Медицинскиот факултет во Петродонски Словен. Вклучувајќи се во петроградската студентска средина, Мисирков станал многу активен.

Во екот на најголемата борба за превласт на пропагандите во Македонија, Мисирков се вратил во Mакедонија, во родното село Постол. Тогаш и се запознал потемелно со македонското револуционерно движење. Во исто време собрал богат фолклорен и етнографско-топографски материјал што подоцна го објавил во своето списание „Вардар“.

При следното доаѓање во Петроград Мисирков станал член на Бугарското студентско друштво и со неколкумина истомисленици го основал Тајниот македонско-одрински комитет. Меѓутоа, Русија се наоѓала во предреволуционерен период и руската влада го затворила Петроградскиот универзитет. Поради тоа на Мисирков не му останало ништо друго, а и здравствено се почувствувал лошо, па заминал во Одеса. Од тоа време датира студијата Кон прашањето за народноста и причината за популарноста на македонскиот крал Марко, што била неговата дипломска работа. Во 1902 година, Мисирков блескаво го завршил факултетот во Петроград.

 Мисирков во библиотеката во Одеса

Истата година било основано и Македонското студентско другарство во руската престолнина. Во организирањето на ова друштво значаен придонес дал и самиот Мисирков. Само една година подоцна ова научно-литературно другарство било преименувано и оттогаш дејствувало како Македонско научно-литературно друштво „Свети Климент“. Членовите на ова другарство испраќале од своите редовни седници барања пред сè до руската влада, па и до владите на другите европски држави, да се признае правото на македонскиот народ на самостојност, да му се признае правото на литературен јазик, правото за обновување на Охридската архиепископија.

Соработката со Ростковски и деновите во Битола

Крсте Мисирков му станал соработник на научникот Петар Лавров. Но тој ја жртвувал својата универзитетска кариера. Го напуштил Петроград, добил служба во Битолската гимназија, во која се вработил како егзархиски професор. Во Битола се сретнувал со рускиот конзул Александар Ростковски, кој бил познат како заштитник на обичниот народ. Во тие лични залагања Ростковски ја немал поткрепата на својата влада. Дури бил и предупредуван и укоруван. Турските власти во август 1903 година исценирале убиство над него и Мисирков повторно морал да замине во Русија. Заминал со мртвото тело на конзулот.

Соработка со Војдан Чернодрински, За македонските работи и реакции во Србија

Крсте Мисирков во Битола работел врз планот за отворање на македонски училишта. Токму во тоа време избувнува и Илинденското востание, во кое Мисирков не учествувал лично. Подоцна во Русија тој го образложил своето отсуство од Илинденското востание со откривање на причините за неуспех на востанието. Во Русија развил широка активност, пред сè публицистичка, работејќи над текстовите од својата книга на која и дал наслов За македонцките работи, како и над некои ракописи за учебници. Со цел да ја публикува својата книга, Мисирков заминал во Софија. Во тоа време доаѓа периодот кога Бугарија и Србија се договараат за поделба на сферите за дејство на своите пропаганди во Македонија. Мисирков и се придружил на театарската група на Војдан Чернодрински, која имала намера да даде неколку претстави на пиесата „Македонска крвава свадба“ во неколку градови во Србија. Во Белград Мисирков одржал предавање за македонското прашање во светлината на српско-бугарското зближување. Дел од белградскиот печат жестоко го нападнал Мисирков за тоа предавање што го одржал во салата на Велика Школа.

Понатамошни активности и смртта

Мисирков се вратил во Софија со надеж да ја подигне од печатницата својата нова книга, но сепак не одело сѐ така лесно. Имено, книгата му била откупена од тамошните власти и изгорена. Од изданието се зачувале само мал број на примероци. По таквиот настан организиран од бугарската пропагандна машинерија, следел организиран напад врз Мисирков. Тој бил присилен да ја напушти Бугарија. Мисирков повторно се нашол во Русија, активирајќи се повторно во друштвото „Свети Климент“ и набргу го прифатил професорското место во Берѓанската гимназија, каде започнал со размислување за издавање на една македонска публикација именувана како „Вардар“. Така, Мисирков го напуштил Берѓанск и обезбедил престој во Одеса. Тој го подготвил првиот број на своето списание за печат и го предал во печатница. Меѓутоа, нема доволно финансиски средства за да го подигне отпечатениот материјал. Со тоа завршило неговото одушевување. Но првиот, а воедно и единствен број на списанието содржи драгоцени материјали напишани на македонски јазик. Тие, речиси, во сè го потврдуваат Мисирков околу книгата „За македонските работи“ и за погледите кон македонскиот јазик и македонската народна свест.

Неговиот престој во Одеса бил исполнет со нови активности. Покрај подготовката на списанието „Вардар“ што се отпечатило во септември 1905 година (но не и во продажба), Мисирков бил вклучен во работата на Историско-филолошкото друштво.

Во текот на Првата балканска војна тој бил воен дописник од фронтот во јужна Македонија. за време на Втората балканска војна веќе бил назад, во Кишињев на професорска должност. Во 1913 година Македонската колонија од Петроград започнала да го издава списанието „Македонский голос“. Мисирков веднаш воспоставил контакти со Колонијата, соработувајќи со некои луѓе што го издавале списанието. Мисирков објавувал под свое име, но и под псевдонимот К. Пелски.

Потоа, Мисирков ги дочекал револуционерните настани од 1917 година. Во ноември 1917 година бил избран за пратеник во Земскиот собор на Бесарабија. На 9 април 1918 година, при гласањето за воспоставување на унија на Бесарабија и Романија, Мисирков гласал воздржано. Како противник на присоединувањето на Бесарабија кон кралството Романија, па поради тоа и го протерале од Кишињев во Одеса. Но повеќе не можел да остане во таа средина. Бидејќи имал и семејство, тој заминал од Одеса во Софија, каде го пречекале со недоверба. Сепак добил служба во Етнографскиот музеј, потоа бил испратен во Карлово, но и понатака му се заканувале поради неговите отворени ставови во однос на македонското прашање. Побарал да добие служба во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Неговата молба останала без одговор. Оневозможен да се врати во Русија, фрлен на служба во провинциско место Копривштица, Мисирков западнал во криза. ВМРО го сметала за штетен за делото, но по средбата на Мисирков со претставник на Организацијата, таа решила да не презеде конкретни чекори против него.Мисирков се разболел тешко, претходно преплашен со закана дека ќе биде ликвидиран, па така се нашол во „Александровската болница“ во Софија, каде умрел на 26 јули 1926 година. Неговото семејство (сопруга и син) ги оставил без основни средства за живеење.

Мисирков е закопан во софиските гробишта парцела 89, ред 17, гроб 4 каде се наоѓаат и посмртните останки на Екатерина Михајловна – Мисиркова, Сергеј Мисирков и Борис Мисирков.

Гробот на Мисиркови во Софија

Според спомените на неговата сопруга Екатерина, шест недели Крсте е лекуван без точно утврдена дијагноза, односно со претпоставка дека е менингит или енцефалит. По шест недели болки и повремени несвестици, на 26 јули 1926 година Крсте Петков Мисирков умира во Александровата болница. Подоцна е утврдено дека умрел од тумор во мозокот. Мртов, цел ден лежел во креветот, до него била само сопругата. Немало кој да го пренесе во мртовечницата, а сопругата немала пари за погреб. Свеќите што ги запалила, ѝ ги донеле милосрдни сестри. Болницата понудила да го остават телото за секцирање, но Екатерина и синот Сергеј одбиле. До гробот за сиромашни во софиските гробишта го испратиле само десетина души. /W/

Share This Post