ООН: Глобалниот туризам со загуба од 320 милијарди УСД во првите пет месеци од 2020

Глобалната туристичка индустрија е уништена од пандемијата на коронавирус, со загуби во износ од 320 милијарди американски долари во првите пет месеци од годината, а повеќе од 120 милиони работни места се изложени на ризик, рече шефот на ОН Гутереш.

Генералниот секретар Антонио Гутереш изјави на брифингот и видео обраќањето дека туризмот е трет по големина извозен сектор на глобалната економија, зад горивата и хемикалиите, а во 2019 година учествувал со 7% од глобалната трговија.

– Вработува еден на секои 10 луѓе во светот и обезбедува егзистенција на стотици милиони луѓе, рече тој.

Покрај придонесот на економиите, им овозможува на луѓето да искусат некои од светските културни и природни богатства и ги приближува луѓето едни до други, истакнувајќи ја нашата заедничка хуманост, посочува Гутереш.

Но, шефот на ОН рече дека во првите пет месеци од 2020 година, поради пандемијата, меѓународните патувања на туристите се намалиле за повеќе од половина и заработката драстично е опадната.

Гутереш вели  дека ова е голем шок за побогатите развиени нации, но за земјите во развој е итен алармантен случај, особено за помалите островски држави во развој и африканските земји.

Туризмот за некои од тие земји претставува повеќе од 20% од нивниот БДП, објасни тој.

Сандра Карвао, шеф за пазарно истражување и конкурентност на ОН Светската туристичка организација информира дека загубата од 320 милијарди американски долари од јануари до мај е трипати повеќе од загубата во текот на 2009 година, во екот на последната глобална финансиска криза.

На брифингот беше укажано дека приходите во туристичкиот сектор би можеле да паднат за 910 милијарди долари до 1,2 трилиони усд во 2020 година и дека може да го намали глобалниот БДП од  1,5% до 2,8%, пренесува АП.

Покрај работните места во туризмот кои се изложени на ризик, се вели дека работните места во придружните сектори, вклучително и услугата за храна, кои обезбедуваат вработување за 144 милиони работници ширум светот, исто така се под голем ризик.

Тој истакна дека малите бизниси се особено ранливи.

Туризмот е исто така клучен столб за зачувување на природното и културното наследство. Според брифингот, околу 7% од светскиот туризам се однесува на дивиот свет, сегмент кој расте за 3% на годишно ниво.

Со забелешка дека ограничувањата за патувања и затворените граници сè уште постојат, иако постепено се укинуваат, Карвао вели дека закрепнувањето на туризмот ќе зависи многу од  развојот на пандемијата и економската ситуација.

Ниту една земја не успеа да го избегне влијанието на коронавирусот врз туризмот, потенцира Карвао.

 

Share This Post