Пела – Постол

Пела – Постол (грчки: Πέλλα) — денес е мало населено место во централниот дел на Северна Грција (Егејска Македонија), со околу 2450 жители, лоцирано на местото на некогашниот антички град  Пела — престолнина на древна Македонија. Се наоѓа на територијата на истоимената општина Пела формирана во 2011 година со главен град на општината Јаница (Пазар-Ениџе Вардар), најголемиот град на регионалната единица. На местото на античкиот град Пела се наоѓа Археолошкиот музеј на Пела. 

Местоположба

Пела се наоѓа на 10 километри југоисточно од Пазар (Ениџе Вардар), 40 километри северозападно од Солун, сместено на надморска височина од 60 метри. Сместено е во плодната рамнина на големата низина на Солунското поле. Блиску до него минува главниот пат од Солун за Ениџе Вардар, а атарот зафаќа површина од 30 квадратни километри. Постол е прилично богато село – гратче, бидејќи располага со многу плодно земјиште, при што главните производи се жита, памук, овошје и сточарски преработки. Античкиот град Пела, престолнината на Александар III Македонски се наоѓала тука, за што сведочат ископините во чии рамки постои и музеј.

 

 

Историја и население

Пела во древноста бил значаен град. После античко-македонскиот град  Ајга, била престолнина на древното македонско царство каде бил роден Александар III Македонски. Сепак, градот бил опустошен од Римјаните во текот на 1 век п.н.е. и го изгубил своето значење. Пела – Постол е исто така родно место на македонскиот национален деец и писател Крсте П. Мисирков. Во 1900 година Постол е мала населба – село. До 1924 било населено исклучиво со македонско население кое броело од 520 до 720 жители, односно се состоело од околу 80 македонски куќи. Бројната состојба на населението според пописите се движела: 1913 – 560, 1920 – 737 жители. За време на размената на население со Договорот од Лозана (24 јули 1923 година) во селото дошле бегалци од Источна Тракија во модерна Турција. Исто така, пристигнале и бегалци од Бугарија, а потоа и околу 50 семејства на Каракачани.

Еден дел од домородното население емигрирало во Бугарија во тоа време. Имено,во 1924 година во Бугарија принудно биле иселени 99 Македонци на чие место биле населени бегалски семејства од Источна Тракија, со што така станало етнички мешано село.

Потоа, бројноста на населението се движела: 1.437 жители во 1928 година, 1.673 во 1940 година, 1.852 жители во 1951 година, 2.146 во 1961, 2.111 во 1971, 2.272 во 1981 и 2.374 жители во 1991. Соодносот на македонското население спрема бегалците е 50-50%, а според статистиката на НОФ од  1947 година во селото живееле 750 Македонци, 750 бегалци и 50 Власи. Во текот на Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција населението во селото, посебно Македонците, било подложено на терористички активности, поради што неколку семејства и поединци побарале засолниште во Република Македонија.

Име

За време на византискиот и отоманскиот период, на словенските јазици градот бил познат под името Свети Апостол или Постол, и на отомански турски како Allah Kilise/Алах Килише ‘Господова Црква’. Античкото име Пела повторно заживеало  во 1936 г.

Познати личности

Александар III Македонски (356  – 323 п.н.е.) – античко-македонски крал и војсководец;

Крсте П. Мисирков (1874 – 1926), македонски национален деец и мислител, филолог, научник и издавач;

Родната куќа на Мисирков

Јордана Слатникова (1924 – 1948), македонски борец од Втората светска војна, припадник на ЕЛАС;

Share This Post