Повик за зајакнување на борбата против корупцијата

Откако Европската комисија го објави извештајот за напредокот на Македонија во кој се заклучува дека државата е умерено подготвена во делот на спречување на корупцијата, претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Биљана Ивановска, побара иницијативност и про-активност во справувањето со корупцијата, пред се, од Јавното обвинителство, наведувајќи конкретни примери.

– Се уште чекаме постапување по предмети кои се од особен јавен интерес. Чекаме одговор од Јавното обвинителство по иницијативата за кривична одговорност за лицата кои учествувале во донесувањето на ДУП за Холидеј ин, како и за иницијативата за одговорност за лицата од ДИК кои учествуваа во тендерот за печатење на материјалите за гласање, изјави, меѓу другото, претседателката на ДКСК Биљана Ивановска.

Во документот на Европската комисија се нотира одреден напредок. За работата на антикорупционерите е наведено дека биле проактивни, дека отвориле неколку случаи вклучувајќи и против актуелни функционери. Од Брисел очекуваат поголема финансиска и кадровска поддршка за Комисијата.

– Обезбедувањето услови за работа е особено важно. Досега процесите за обезбедување материјални, просторни и човечки ресурси се одвиваа многу бавно. Оваа состојба влијаеше на отежнато функционирање на зголемените ингеренции, изјави Ивановска. Наодите на Антикорупциска комисија покажуваат дека само 30 проценти од нивните препораки се прифатени.

Генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, за време на посетата на Македонија најави интензивирање на соработката со Антикорупциската комисија и со МВР во обидите за професионализација на полицијата и укажа на потребата од зајакнување на борбата против корупцијата.

Share This Post