Климатски самит за инвестиции во чиста енергија

На виртуелниот самит на светските лидери за климата, учествуваат милијардери, директори на големи компании и синдикални лидери да ја поддржат визијата на претседателот на САД, Џо Бајден за трансформација на американската економија за да не се загрозува животната средина.

Бајден ги повика државите да работат заедно за да се префрлат на чисти извори на енергија.

– Земјите кои работат заедно за да инвестираат во почисти економии ќе донесат придобивки за своите граѓани. Не можеме да ја добиеме борбата против климатските промени ако не се бориме заедно на глобално ниво, рече американскиот претседател.

На состанокот зборуваа Бил Гејтс и Мајк Блумберг, водачи на синдикати во челични и електрани, како и директори на компании за производство на соларни и други обновливи извори на енергија, сите тврдејќи дека да се инвестира сега во нови технологии и ефикасни сообраќајни и електрични системи би се исплатило на долг рок – кога станува збор за создавање нови работни места, но и профит, пренесува ВОА.

Гејтс рече дека работи со партнери на програма што предвидува собирање пари за капитални инвестиции од владите, другите филантропи и компании со цел да се намали цената на чистите технологии.

Претседателите и премиерите од целиот свет се вклучија да ги опишат сопствените инвестиции и планови за тоа како нивните земји да престанат да бидат зависни од нафтата и гасот, штетни за климата.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху рече дека научниците во стотици израелски „стартап“ компании напорно работат на зголемување на клучниот капацитет на батериите за соларни, ветерни и други извори на обновлива енергија.

Претседателот Ухуру Муигаи Кенијата истакна дека Кенија направи скок од економијата базирана на јаглен, керозин и дрво до еден од главните корисници и производители на геотермална и ветерна енергија.

Претставникот на Бајден за климата, Џон Кери, истакна дека повикот на претседателот Бајден за обновување на запоставената американска инфраструктура, на еколошки позитивен начин ќе ја доведе целата американска економија во подобра позиција на долг рок.

Кери изнесе политички аргумент за кој американските власти велат дека ќе биде клучен за постигнување на климатските цели на Бајден: вложување илјадници милијарди долари во технологија, истражување и инфраструктура заснована на чиста енергија што ќе ја забрза американската економија и направи поконкурентна во иднина. Ќе се отворат нови работни места, при што ќе се зачувува планетата Земја.

Републиканците се држат до аргументите изнесени од поранешниот претседател Доналд Трамп кога ја повлече Америка од климатскиот договор во 2015 година. Тие ја посочуваат Кина како најголем загадувач во светот и велат дека секоја транзиција кон чиста енергија им штети на работниците во САД вработени во индустријата за нафта, природен гас и јаглен.

Тоа значи дека „добро платените работни места во САД ќе бидат фрлени во ѓубре“, рече лидерот на малцинството во Сенатот, Мич Меконел во говорот со кој ги отфрли плановите на администрацијата како скапи и неефикасни, известува ВОА.

– Од нашите странски партнери се бараат мали вложувања, додека американските граѓани треба да ја понесат максималната цена, објаснува Меконел.

Повеќето од предложените издојувања за справување со климатските промени се дел од предлогот на Бајден за обновување на инфраструктурата во износ од 2,3 трилиони американски долари, со кој би се платило за изградба на нови патишта, безбедни мостови и сигурен јавен превоз, додека би се зголемило производството на електрични автомобили, чиста вода за пиење и инвестициите во чиста енергија како што се сончевата и ветерната енергија.

Планот на Бајден се соочува со сериозни пречки во целосно поделениот Сенат, а републиканците предводени од Меконел се противат на законскиот предлог.

Share This Post