Хјундаи го претстави електричниот Ioniq 5

Во духот на првиот сериски автомобил на Хјундаи, моделот Пони од 1975 година, новиот Ioniq 5 конечно влезе во фаза на сериско производство. Станува збор за нов СУВ од средна големина со електричен погон. Она што е интересно во однос на опременоста е податокот дека на некои пазари ќе бидат достапни и камери наместо стандардните странични ретровизори. Сепак, на пазарите каде не се легални, автомобилот ќе има стандардни ретровизори. Затоа, повеќето официјални фотографии покажуваат автомобил со такви ретровизори.

Хјундаи се определи за 20-инчни аеродинамички оптимизирани тркала за Ioniq 5, најголеми досега кои биле применети на некој електричен автомобил на јужнокорејската компанија. Напред и позади се LED светлата кои изгледаат како пиксели во форма на правоаголник, а има приклучоци за полнење од двете страни.

Бидејќи станува збор за електричен автомобил, Ioniq 5 има и простор за багаж под предниот капак, а неговиот капацитет зависи од тоа дали е верзија со погон на задните тркала или со погон на сите тркала. Во случај на погон на задните тркала, волуменот е 57 литри, а кај моделите со погон на сите тркала тој е намален на 24 литри.

На таблата со инструменти доминираат два 12-инчни екрани, едниот служи како дисплеј за возачот, а другиот за инфо-забавниот систем.

Просторот за нозете на патниците на задните седишта е поголем благодарение на фактот дека предните седишта се 30 проценти потенки од стандардните. Сите седишта можат да се поместуваат напред и назад. Многу внатрешни површини се направени од рециклирани материјали, вклучувајќи пластични шишиња.

Исто така, вреди да се спомене и соларниот покрив, што дополнително ја зголемува ефикасноста со собирање сончева енергија и полнење на батеријата за да се зголеми опсегот.

На купувачите ќе им бидат достапни 58 и 72,6 kWh батерии. Основниот модел има еден мотор на задната оска, додека поскапиот модел има преден и заден мотор и со тоа погон на сите четири тркала. Двете верзии достигнуваат максимална брзина од 185 км/ч. Моделот со еден мотор развива 168 КС и 350 Nm вртежен момент и забрзува од 0 до 100 км/ч за 8,5 секунди. Двомоторниот модел со комбинирана батерија испорачува вкупно 232 КС и 605 Nm вртежен момент и забрзува до 100 км/ч за 6,1 секунди.

Ioniq 5 ќе биде достапен во девет надворешни бои, или четири бои во внатрешноста.

Share This Post