Што знаеме досега за вакцините против коронавирусот

Русија побрза да го лансира новиот Спутник. Овој пат, тоа е вакцина за борба против коронавирусот. И покрај нецелосното тестирање, Спутник -V може да биде првата вакцина против Ковид-19 за пошироката јавност.

Наречен Спутник-V, по првиот вештачки сателит, вакцината е тестирана само кај помал број луѓе. Промоцијата се случи, иако нема достапни публикувани информации за безбедноста и ефикасноста на вакцината. Научниците допрво треба да ја завршат последната фаза од клиничките тестови за да утврдат дали таа е ефикасна. Вакцината е доставена до Министерството за здравство на Русија за регистрација.

– Функционира доста ефикасно. Создава стабилен имунитет, изјави претседателот Путин.

Истражувачите ширум светот се натпреваруваат да создадат вакцина, но ниту една сè уште не е темелно проверена. Русија се обиде со различни тактики да го земе водството пред конкурентите. Да се ​​биде прв што одобрил ваква значајна вакцина може да биде и прашање на национална гордост, но прогласувањето за победник може да биде прерано, велат некои истражувачи.

Обично, вакцините поминуваат низ три фази на клинички тестови. Во првите две фази вакцината се тестира кај мал број луѓе поради безбедност и може да се добијат податоци за тоа дали луѓето прават антитела или имаат друга реакција на вакцината. Во третата фаза вакцината се тестира кај илјадници луѓе за да се утврди дали ја намалува стапката на инфекција. Таа трета фаза на тестирање не започна кај руската вакцина.

Во отвореното писмо до министерот за здравство, московското здружение за клинички испитувања, ја повика владата да го одложи одобрувањето на вакцината сè додека не се готови податоците од фазата III.

Истражувачите од московскиот„Гамалеја“ Институт за истражување на епидемиологија и микробиологија, дел од руското Министерство за здравство, создадоа вакцина со два дела. Двата дела започнуваат со вируси кои предизвикуваат обична настинка. Овие вируси, аденовирус 5 и аденовирус 26, беа дизајнирани да направат протеин за коронавирус. Тој протеин му помага на коронавирусот да се закачи на клетките и да ги инфицира. Бидејќи е на површината на вирусот, тој исто така создава и е цел на антитела против вирусот.

Овој пристап е сличен на другите вакцини против коронавирус кои се развиваат. Универзитетот во Оксфорд кој работи со АстраЗенека користи аденовирус на шимпанзо. А вакцината направена од кинеската компанија КанСино Биологикс., базирана е на аденовирус  5. Џонсон и Џонсон користат аденовирус 26 за својата вакцина. Овие вакцини поминаа низ првични тестови за безбедност, каде што учесниците во тестирањата создадоа антитела против вирусот и немаа никакви сериозни несакани нус-појави.

Според последните достапни тест информации за „Спутник-V“, 38 лица најпрво добиле креирана компонента на аденовирус 26. Три недели подоцна, добиле инекции со компонента на аденовирус 5. Резултатите од студијата сè уште не се објавени.

Користењето на два аденовируси наместо еден е невообичаено, но може да помогне во решавање на потенцијален проблем. Телото може да развие антитела на аденовирусот што носи шилест протеин.

На руски деловни луѓе и политичари, вклучително и една од ќерките на Путин, им беше дадена вакцината. И руската војска ги заврши тестовите од втората фаза на вакцината во јули, рече заменик министерот за одбрана Руслан Цаликов.

Обично, студиите од фаза II тестираат вакцина кај стотици луѓе. Но, во писмото од здружението за клинички испитувања се вели дека вакцината е тестирана кај помалку од 100 луѓе. Повеќе вакцини низ целиот свет сега започнуваат тестови од фаза III со по 30 000 луѓе за секоја од нив.

Тестовите од фаза III се оние кои утврдуваат дали вакцините всушност ги штитат луѓето од инфекција.

Тестирањето на голем број луѓе, исто така, им овозможува на истражувачите да откријат некои поретки несакани ефекти што може да се појават кај помалубројни случаеви. Истражувачите укажуваат дека некои несакани ефекти може да се појават кај 1 на секои 1.000 луѓе и не е сигурноно дека тоа ќе се открие во едно истражување на 200 луѓе.

Дури и откако вакцините се употребат кај пошироката јавност, истражувачите ќе бидат во неизвесност поради уште поретки прашања за безбедноста, како што се автоимуни заболувања предизвикани од вакцината. Научниците, исто така, мора да внимаваат на тоа дали создадените антитела против вакцината не ја влошуваат болеста, како што се случило со денга.

Вакцината Спутник-V веројатно нема да биде одобрена за употреба во повеќето други земји без завршување на испитувањата од фаза III.

Најдоброто сценарио е Русите да имаат среќа во создавање на безбедна и ефикасна вакцина. Најлошо сценарио е да се покаже дека вакцината не делува и да се разниша довербата на јавноста во вакцините.

Повеќето од вакцините против Ковид-19 кои сега се во развој покажаа дека тие се барем разумно безбедни и предизвикуваат создавање на антитела и имуни клетки кои можат да помогнат во заштитата од вирусот. Руските податоци од истражувањата не се објавени, така што е невозможно да се каже дали нивните слични тврдења се вистинити. Но, ако податоците се како оние од другите вакцини, Спутник-V веројатно ќе биде безбедна и ефикасна. Затоа, не значи дека руската вакцина не е безбедна и ефикасна.

Дури и ако една земја или компанија први развијат вакцина, други вакцини исто ќе бидат потребни. Научниците укажуваат дека се потребни што повеќе кандидати за ефикасни вакцини. Ниту една компанија или земја не може да произведе доволно вакцини за да се вакцинира светот и колку поголем и поширок успех се постигне, толку подобро ќе биде за сите, според истражувачите.

Share This Post