Британски универзитет ќе врати една исклучителна Бенин бронза во Нигерија „за неколку недели“

Универзитетот во Абердин соопшти дека ќе ја врати Бенин бронзата во Нигерија за неколку недели, што е една од првите јавни институции која ќе го стори тоа по повеќе од еден век откако Велика Британија ги присвои скулптурите и ги лицитираше на западните музеи и колекционери.

Универзитетот соопшти дека скулптурата на Оба, или владетел, на Кралството Бенин, била изнесена од Нигерија на „крајно неморален“ начин, што ги поттикна да им се обрати на нигериските власти во 2019 година да преговараат за нејзино враќање.

Притисокот е зголемен за да се вратат Бенинските бронзи во нивните места на потекло – всушност скулптури од легури на бакар – и други артефакти одземени од колонијалните сили.

Професорот Аба Иса Тијани, генерален директор на Националната комисија за музеи и споменици во Нигерија, вели дека важноста од изложување на бронзените артефакти во Нигерија за прв пат по повеќе од 120 години е неискажлива, пренесува Ројтерс.

– Тоа е дел од нашиот идентитет, дел од нашето наследство … што ни е одземено многу години, вели Тијани.

Војниците на Велика Британија запленија илјадници метални лиени предмети и скулптури од Кралството Бенин, тогаш одделено од Нигерија која била под британската власт, во 1897 година.

Бенинските бронзи се група од повеќе од илјада метални плакети (рељефни табли) и скулптури кои го краселе кралскиот дворец на Кралството Бенин во денешна Нигерија. Колективно, предметите ги сочинуваат најпознатите примероци на уметноста во Бенин, создадени од 13 век па наваму од народот Едо, кои вклучуваат и други скулптури во месинг или бронза, вклучително и некои познати портретни глави и помали парчиња.

Повеќето плакети и други предмети биле присвоени или ограбени од британските сили за време на експедицијата во Бенин во 1897 година, кога империјалната контрола се формирала во Јужна Нигерија. Двесте уметнички парчиња биле однесени во Британскиот музеј во Лондон, додека останатите биле дадени на други европски музеи. Голем број ги поседува Британскиот музеј, а други значајни колекции има во Германија и САД.

Бенинските бронзи придонесоа за поголемо ценење на африканската култура и уметност во Европа. Првично, на откривачите им се чинеше неверојатно дека луѓето „наводно толку примитивни и дивјаци“ се заслужни за ваквите комплексно изработени предмети. Некои дури погрешно заклучиле дека знаењето за металургијата во Бенин потекнува од португалските трговци кои биле во контакт со Бенин во раниот модерен период. Но, Кралството Бенин беше центар на африканската цивилизација долго пред да ги посетат португалските трговци и јасно е дека бронзите биле направени во Бенин од автохтона култура. Многу од драматичните скулптури датираат од 13 век, со векови пред европскиот контакт, а голем дел од колекцијата датира од 15 и 16 век. Се верува дека два „златни векови“ во металната изработка на Бенин се случиле за време на владеењето на Езиги (околу 1550) и на Ересојен (1735–1750), кога нивната изработка и занаетчиството го постигнале највисокиот квалитет.

Додека колекцијата е позната како Бенински бронзи, како и повеќето западноафрикански „бронзи“, парчињата се претежно изработени од месинг со различен состав. Постојат и парчиња изработени од мешавини од бронза и месинг, од дрво, од керамика и од слонова коска, меѓу другите материјали. Металните парчиња се изработени со употреба на постапка на изгубен восок и се сметаат за најдобрите скулптури направени со оваа техника.

 

 

Share This Post