Врело

Внатрешност на пештерата со поглед на езерцето

Подводната пештера Врело е сместена во кањонот Матка од десната страна на реката Треска во близина на Скопје. Пештерата е систем од две пештери една над (наречена Врело) и една под водата (наречена Подврело) и езеро. На таванот е вистински „дожд“ од сталактити, а не помалку зачудуваат неколкуте столбови. Посебно воодушевуваат „столбовите близнаци“, кои се високи околу 6 метри и се со бела кристална боја.

Врело, со досега откриена длабочина од 230 метри, во моментов ја прави најдлабока подводна пештера на Балканот и втора најдлабока во Европа, но длабочината не е целосно откриена. За пештерата Врело се смета дека е една од најдлабоките подводни пештери во Европа и во светот.

Влез во пештерата Врело

Во длабочината на пештерата се наоѓаат две езерца, Мало и Големо Езеро. Малото езеро има форма на осумка. Во најширокиот дел има димензија од 8 м, а должината и длабочината му се 15 м, додека Големото езеро има должина од 35 м, широчина од 15 м, а длабочина од 15-18 м. Присуството на сталактитите во водата упатува на заклучок дека во пештерата немало вода порано. Оваа констатација ја потврдуваат спелеолози со толкување дека езерата се создадени по изградбата на акумулацијата Матка во 1936 година.

Во пештерата има и т.н. „концертна сала“, од чија лева страна се таканаречените „пишани камења“. Станува збор за систем од знаци, можеби и за писмо, за чие дешифрирање и толкување е потребна стручна анализа и истражување.

Карпести образби

До пештерата Врело се стигнува со организиран превоз со чамец кој трае околу 20 минути. Чамецот застанува на специјално направена платформа, а потоа се пешачи до влезот на пештерата. Веднаш на влезот се наоѓа „концертната сала“, а од левата страна се споменатите пишани камења. Централниот простор го зазема сталактитот „шишарка“ (висок два метра), според кој е наречена втората сала (Сала на шишарката), додека понатаму е третата сала (Сала на езерата). Во пештерата може да се сретнат лилјаци.

Скали во внатрешниот влез на пештерата

При последното истражување на подводната пештера во 2017 година, полскиот нуркач Кшиштоф Старнавски се нурнал до длабочина од 240 метри со откривање на нови простории во пештерата Врело. Пештерата Врело сè уште не е целосно истражена и се смета дека сеуште не е откриена вистинската длабочина. /W/

Share This Post