Мигрантска криза во БиХ и понатаму создава политички проблеми

На БиХ и требаат најмалку уште 1.100 полицајци на границата за да ги покријат сите критични точки што ги користат мигрантите. Решението за мигрантската криза во земјата не е на повидок дури и по три години, а проблемите очигледно се зголемуваат. Најголем фокус на надлежните е да го спречат влегувањето на мигрантите на источната граница, но недостатокот на гранична полиција е најголемиот проблем.

За да бидат покриени сите критични точки на источната и јужната граница на БиХ, т.е. граничната линија со Србија и Црна Гора, потребни се уште најмалку 1.100 полицајци. Со оглед на бирократијата, процедурите, немањето пари и бројните други проблеми, граничната полиција е принудена да импровизира.

Повеќето гранични акции се преземаат во областите кои најмногу се изложени на зголемен миграциски притисок. Зголемено присуство на полицајците, вклучуваат зголемена употреба на специјализирани службени возила, беспилотни летала, службени кучиња, специјализирана опрема за гранична контрола и друга опрема, информираат од Граничната полиција на БиХ.

Членот на претседателството на БиХ, Милорад Додик, изјави дека Република Српска нема да ја почитува одлуката на властите на кантонот Уна-Сана (УСК) да го забрани транспортот на мигрантите кон овој кантон.

Додик најави дека мигрантите кои минуваат низ територијата на Република Српска ќе бидат донесени до крајната точка (до границата со УСК) и ќе им било кажано дека таму им е патот.

– Со евидентирањето преку дојави од граѓаните во полиција, се знае каде тие се наоѓаат и по кои рути се движат. Мигрантите не можат да се движат слободно низ територијата на Република Српска и патем, евентуално да вршат кривични дела и да вршат притисок врз населението, укажа Додик за телевизијата Н1.

Тој потенцира дека се преземени одредени мерки со кои мигрантите од Бјелина се транспортираат до местото каде што сакаат, а тоа е најчесто кантонот Уна-Сана. Според него, реакцијата на населението во РС на ваквите мерки е одлична.

– Јас ги разбирам луѓето во кантонот Уна-Сана, но нема да ја запреме практиката да ги собираме мигрантите и да ги пренесуваме таму каде што сакаат надвор од Република Српска, но кај нас нема да има собирни центри, вели Додик.

Тој прашува што ќе се случи ако Република Српска воведе забрана за неможност да се влезе во РС од друг кантон и Федерацијата на БиХ.

– Па, целиот свет ќе се крене заради тоа, изјави Додик.

Оперативната група на кантонот Уна-Сана и наложи на Полициската управа при кантонското Министерство за внатрешни работи да постави постојани контролни пунктови на влезовите во кантонот и да спречи дополнителен прилив на мигранти.

Од друга страна, Сенад Шепиќ, претседател на Независниот блок, посочува дека Додик е најодговорен за немање на гранична контрола и за „ослободување“ на мигрантите од Србија.

Босна и Херцеговина е единствената земја чии највисоки функционери отворено и без санкции прават што сакаат против својот народ и свесно ја задушуваат вербата на луѓето во подобра иднина, вели Шепиќ. Додава дека и Додик и сите други, ќе мора да го почитуваат правото на народот на своја слобода и безбедност, како и нивна подготвеност сите, цела БиХ, заедно да најдат најдобро решение за решавање на мигрантската и другите кризи што ги има во БиХ.

Структурата на мигрантите во БиХ со тек на време е променета. Најпрво доаѓаа цели семејства, а денес само помлади мажи. Кога се гледа структурата на мигрантите, евидентно е дека околу 90 проценти од оние што се наоѓаат во БиХ се помлади луѓе, мажи, самци.

Според најновиот извештај на ФРОНТЕКС (Европската агенција за гранична и крајбрежна стража) бројот на мигранти регистрирани на надворешните граници на ЕУ е 15 проценти помал отколку во истиот период минатата година, а како главна причина за намалениот број се наведува појавата на пандемија на коронавирус.

Многу е мал бројот на мигранти кои се обидуваат да стигнат до ЕУ со своите семејства, а главната причина е што границите се повеќе се затвораат, што патиштата што ги користат мигрантите се крајно ризични, непроодни и честопати одат со месеци, претежно ноќе и без храна и основни потреби. Мигрантите имаат мобилни телефони и освен што им служат за да ги следат рутите на движење, тие многу активно разменуваат информации за условите на патот, граничните премини, ситуацијата во областите што треба да се преминат и слично. Ваквите повратни информации стигнуваат и до семејствата кои живеат во земји кои се почетна точка на миграција или се наоѓаат во камповите во Грција и Турција, така што нивната проценка е дека постои преголем ризик да ги водат децата, постарите членови, односно целото семејство. Според меѓународните организации, во Грција до 30 проценти од мигрантите се со своите семејства, но заради ризичното и неизвесно патување не им се препорачува да тргнат понатаму.

Кога станува збор за почитување на конвенциите на ООН, како и на регулативите на ЕУ кои се однесуваат на почитување на човековите права, а со тоа и на правата кои ги имаат луѓето во движење-мигрантите, кои земјите имаат обврска да ги почитуваат, тогаш не е ни важно колку години имаат мигрантите, од каде доаѓаат, без разлика дали се економски мигранти или бегаат од конфликтни региони.

Обврска на секоја нормална и демократска држава е да постапува со нив во согласност со меѓународното право и меѓународните акти со кои се регулираат правата на мигрантите, но и обврските на државите во тие ситуации.

Мигрантската криза е особено изразена во Краина и главниот град на БиХ. Според некои информации, на улиците на Сараево има повеќе од пет илјади мигранти, што ја комплицира безбедносната состојба во земјата.

Така, на пример, минатите денови, граѓаните на Велика Кладуша протестираа против присуството на голем број мигранти и бегалци, кои беа третирани несоодветно. Меѓу другото, тие рекоа дека не сакаат да се отвори уште еден прифатен центар во нивниот град. Протестите беа на работ на ескалацијата кога еден од граѓаните скрши прозорец на автобус и кога беше блокиран патот.

Неодамна, автобус кој превезувал мигранти и бегалци е вратен во Бихаќ. Друг автобус од правец на Бихаќ, бил запрен во Велика Кладуша, а мигрантите, исто така, биле вратени.

Поради влошената состојба предизвикана од прекумерниот прилив на мигранти, што го загрозува јавното здравје, безбедноста и правата на граѓаните на УСК, Оперативната група на кантонот „Уна-Сана“ донесе нови заклучоци со цел понатамошно зачувување на безбедносната и здравствено-епидемиолошката состојба.

Еден од нив, се однесува на забраната за превоз на мигранти во кантонот Уна-Сана.

1. Оперативната група ја поддржува одлуката на Кризниот штаб на Министерството за здравство да ги заостри мерките, што вклучува:

– Забрана за влез на мигранти на подрачето на УСК надвор од моменталниот капацитет на камповите

– Забрана за превоз на мигранти со сите видови превозни средства

– Забрана за движење на мигрантите и собирање на јавни места

– Забрана за давање услуги за сместување на мигрантите, итн.

Министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Селмо Цикотиќ го прими амбасадорот на Исламската Република Пакистан во БиХ, Мухамед Калид Рао.

Покрај дискусијата за општите аспекти на долгорочната и плодна соработка меѓу двете држави, министерот Цикотиќ и амбасадорот Калид Рао имале посебен фокус на можните аспекти на соработката меѓу двете земји во поглед на управувањето на движењето на мигрантите и на отстранувањето на негативните последици од нивниот престој во Босна и Херцеговина.

Амбасадорот Калид Рао истакнал дека Исламската Република Пакистан е подготвена да стори сé што е во согласност со одредбите на меѓународното јавно право и законите на двете држави за да и помогне на Босна и Херцеговина да се справи со предизвиците што ги предизвикуваат нелегалните мигранти од Пакистан или кои се претставуваат како поранешни пакистански државјани. Тој кажал дека честопати е случај мигрантите од Авганистан и Бангладеш, како и од индискиот дел на Кашмир, да се претстават како граѓани на Пакистан.

Share This Post