Европа живее на кредит, за плаќање на цехот ќе размислува во иднина

Кој ќе ги плати долговите на ЕУ настанати поради Ковид-19 кризата? Јавниот долг на Германија надмина 2.000 милијарди евра, но експертите од земјите од еврозоната се најмногу загрижени за Италија.

Намерата на Европската унија е да се извлече од кризата со задолжување, што веројатно ќе продолжи и следната година. Германскиот Бундестаг гласаше за ребаланс на буџетот за оваа година, со што се овозможи рекордно задолжување од 240 милијарди евра. Ова ќе го зголеми јавниот долг на земјата на 2.200 милијарди евра, што е рекорден износ.

Денес, долгот на Германија изнесува 80 проценти од бруто домашниот производ (БДП), наведува Дојче Веле, како што објави Танјуг.

Другите членки на ЕУ исто така се принудени да живеат на кредит поради кризата. Долговите се натрупуваат од Финска до Грција.

Евростат објави дека вкупната задолженост во државните буџети на еврозоната ќе изнесува скоро сто проценти од БПД.

Но, што е со Пактот за стабилност и раст на еврозоната, кој предвидува јавниот долг на членките да не надминува 60 проценти, а буџетскиот дефицит три проценти? Таа одредба од Пактот е привремено укината до крајот на годината. Веројатно ќе биде така и следната година.

Некои западни финансиски експерти сметаат дека долговите се помалку проблематични отколку што беа во финансиската криза пред една деценија, бидејќи денес, каматните стапки на државните обврзници се многу ниски. Тие не веруваат дека каматните стапки ќе растат се додека централните банки, како што е Европската централна банка (ЕЦБ), водат агресивна монетарна политика, односно печатење пари и поплавување на пазарот, пренесува Ал Џезира.

За главното прашање кој ќе го плати цехот на крајот, се смета на стапката на економски раст која секогаш е одлучувачка. Доколку се постигне голем раст, тогаш проблемот со задолженоста ќе се реши сам. Резонот е дека државната политика на штедење помага само во мала мерка при големи долгови.

Во политичките кругови постои загриженост за стабилноста на еврото. Сепак, се смета дека ограничувањата за позајмување во еврозоната треба да се вратат следната година. Во спротивно, постои опасност одделни членки да продолжат да ги решаваат проблемите со нови задолжувања, наместо со реформи.

Се укажува дека заедничкото задолжување на ЕУ од 750 милијарди евра за ублажување на последиците од кризата мора да остане осамен преседан. На оние што мислат да ги санираат националните буџети со пренесување на долговите на Европа, им се посочува дека таквите намери нема да успеат. Бидејќи и тие долгови мора да ги отплатат земјите-членки. Тоа значи, наредните генерации.

Грција веќе се приближува до нивото на јавен долг од 200 проценти од БДП. Во политичките и експертски кругови не сметаат дека ова е голем проблем затоа што Грција се санирала во претходните години.

За некои најголема грижа за ЕУ е Италија. Со раст на каматната стапка или бран на банкротства, италијанската држава и банките може да западнат во сериозни тешкотии. Јавниот долг на Италија во моментов изнесува 180 проценти од БДП.

Но, се истакнува дека Марио Драги, новиот италијански премиер и поранешен шеф на ЕЦБ, има јасна политика на економски раст. Се смета дека ако Италија има само малку поголем раст, тогаш опасноста од финансиската криза е многу мала.

Централните банки нудат евтини пари, каматните стапки се ниски како и инфлацијата. Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, ги повикува колегите ширум светот да продолжат со таква монетарна политика. Значи, задолжувањето продолжува. А по пандемијата, ќе се види како понатаму, се оценува во медиумските известувања. Извор: Ал Џезира, Агенции

Share This Post