Се зголемуваат политички тензии помеѓу Русија и Чешка

Прага и Москва меѓусебно соодветно протераа свои дипломати во врска со спорот со експлозијата во 2014 година. Москва протера 20 чешки дипломати во врска со обвинувањата на Чешката Република дека двајца руски шпиони, обвинети за труење на агентот Сергеј Скрипал во Велика Британија во 2018 година, исто така биле одговорни претходно за експлозија во склад за муниција во Чешка, во која загинаа две лица.

Во саботата, Прага нареди 18 руски дипломати да ја напуштат земјата, поради што Русија во неделата вети дека „ќе ги натера креаторите на оваа провокација целосно да разберат дека тие се одговорни за уништување на темелите на нормалните односи меѓу двете земји“.

Москва им даде на чешките дипломати само еден ден да ја напуштат земјата, додека Прага им даде на Русите три дена.

Чешката Република соопшти дека ги известила официјалните претставници на НАТО и Европската унија дека се сомнева дека Русија е одговорна за експлозијата во 2014 година и дека министрите за надворешни работи на ЕУ ќе разговараат за ова прашање на состанокот во понеделник, пренесува ВОА.

Американскиот стејт департмент го пофали „цврстиот одговор на Прага на руските субверзивни активности на чешко тло“.

Ова е најголемиот спор меѓу Прага и Москва од 1989 година кога беше крајот на децениите советска доминација над Источна Европа. Во исто време, инцидентот е дел од растечката напнатост меѓу Русија и Западот како целина.

Русија соопшти дека обвинувањата за Прага се апсурдни, бидејќи Чешка претходно ги обвини сопствениците на магацинот за експлозијата во градот Врбетице, 300 километри од главниот град. Москва го прогласи протерувањето на своите дипломати „како продолжение на низата антируски активности што Чешка ги презеде во последниве години“ и ја обвини Прага дека се обидува да ги „задоволи САД во контекст на неодамнешните американски санкции против Русија“.

Чешкиот премиер Андреј Бабиш рече дека целта на нападот била една испорака до бугарски дилер на оружје.

– Ова беше напад врз муницијата која веќе беше платена и складирана во магацин за бугарски дилер на оружје, рече премиерот. Тој рече дека трговецот, чие име не го навел, подоцна бил мета на атентатот, известува ВОА.

Според руски извори муницијата била наменета за Украина за користење во воени акции против силите во Донбас, автономна област контролирана од руското малцинство во Украина.

Во 2020 година, бугарските обвинители покренаа обвиненија против тројца руски државјани за обид за убиство на дилерот на оружје Емилијан Гекрет.

Чешката полиција соопшти дека двајцата мажи, кои ги користеле имињата Александар Петров и Руслан Боширов, пристигнале во Чешка неколку дена пред експлозијата.

Тие имиња ги користеле двајца припадници на руската воена разузнавачка служба ГРУ, која Британија ја обвинува за труење на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка со нервен агенс од советската ера во англискиот град Солсбери во 2018 година.  Кремлин негираше вмешаност во инцидентот и напаѓачите останаа на слобода.

Чешкиот министер за внатрешни работи и вршител на должноста шеф за надворешни работи, Јан Хамачек, рече дека полицијата знаела за двајцата од самиот почеток, но дека дури „кога се случил нападот во Солсбери, дознале дека се членови на ГРУ“.

Хамачек рече дека Прага ќе побара помош од Москва во испрашувањето на осомничените, но дека не очекува руска соработка.

Британскиот министер за надворешни работи Доминик Рааб на Твитер напиша дека Чесите дознале „до кои граници ќе оди ГРУ во обидот да извршат опасни и малигни операции“.

Share This Post