ЛШ: Баерн го совлада ПСЖ и по шести пат стана европски шампион

Баерн Минхен го победи Пари Сен-Жермен со минимални 1:0 во големото финале на Лигата на шампионите 2019/20, оддржано без публика во Лисабон и ја забележа својата шеста европска титула и прва по 2013 година.

Во мошне интересен и динамичен меч со многу акции и шанси на двете екипи на „Луж“ во Лисабон, недостасуваа само повеќе голови. Баварците беа за нијанса подобри, со поголем посед на топката и доволно концентрирани да стигнат до победнички гол во второто полувреме.

Стартот на натпреварот веднаш покажа дека и двата тима нема многу да тактизираат. Во 14. минута имаше одличен напад на ПСЖ, а обидот на Мбапе беше изблокиран, откако Кимих стигна во последен момент. Огромна  шанса за ПСЖ имаше во 18. минута кога ПСЖ изведе брз напад, но ударот на Нејмар голманот на баварците Нојер го запре со одлична одбрана.

Само 4. минути подоцна со шанса возвратија фудбалерите на Баерн. Левандовски ја прифати топката во шеснаесетникот и биеше, но истата заврши во дирекот на голот.

Огромна шанса имаше и Ди Марија во 24. минута кога доби топка, но шутираше високо над голот.

Неверојатна шанса имаше и Левандовски во 32. минута, но Навас не дозволи гол за Германците.

На крајот на првото полувреме имаше уште една одлична прилика за ПСЖ, но Мбапе не ја искористи грешката на дефанзивата на Баерн и од непосредна близина не успеа да го совлада Нојер.

И во вториот дел се играше со високо темпото на игра и двата тима се обидуваа да креираат шанси. Во 59. минута погодокот за победа го постигна токму поранешен фудбалер на ривалите, Кингсли Коман со глава по прецизно додадена топка од Џошуа Кимих. Баерн во продолжение имаше уште две убави прилики, но не успеа да ја зголеми предноста.

Најубавата шанса ПСЖ имаше во 70. минута по уфрлување на Маркињос кој прими топка, биеше од прва, но Нојер постави нога и успеа да го одбрани голот.

Фудбалерите на ПСЖ, Нејмар, Мбапе и Чупо-Мотинг до крајот имаа уште неколку опасни акции пред голот на Баерн, но не постигнаа гол за израмнување.

По последниот свиреж на судијата, фудбалерите на Баерн Минхен сосема заслужено се радуваа на огромниот успех и на шестиот трофеј како европски фудбалски шампиони.

Францускиот шампион ПСЖ ќе мора да се задоволи само со својот прв настап во големото европско финале по три елиминации во четврт-финалето.

Share This Post