Македонските и бугарските историчари не ги надминаа разликите за учебниците по историја

 

Во онлајн формат, вчера и денеска се одржа дискусијата на 13-та средба на Мултидисциплинарната експертска комисија за историски и образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија.

Дискусијата во најголем дел беше посветена на пристапот и формата на препораките за учебниците, при што останаа големите разлики, информира македонскиот тим во Комисијата.

– Од македонска страна беа предложени неколку идеи како да се надминат точките во учебниците кои имаат потенцијал да ја политизираат историјата и со тоа да поттикнуваат нови или ги одржуваат во живот политичките спорови, се наведува во соопштението.

Поради долгата и исцрпна дискусија за учебниците, темата за заедничко чествување на Гоце Делчев воопшто не била дискутирана на средбата.

– Македонската страна ќе продолжи да инсистира на почитување на принципите и препораките на УНЕСКО, Советот на Европа и други релевантни меѓународни и академски институции како најсоодветен начин за надминување на историските спорови и деполитизирање на историјата и историското образование и исполнување на Договорот за пријателство и добрососедство потпишан помеѓу Република Македонија и Република Бугарија во 2017 година, се истакнува во соопштението.

Следната редовна средба на Комисијата ќе се одржи на 10 и 11 јуни, се додава во соопштението.

Share This Post