Пратениците се вакцинираа против Ковид-19

Во спортската сала „А1 Арена“, денеска со „Спутник V“ се вакцинираа пратениците од македонското Собрание, како дел од критичната инфраструктура опфатена во Националниот план за имунизација на Ковид-19.

Пред да започне имунизацијата на пратениците, претседателот на Собранието, Талат Џафери и министерот за здравство, Венко Филипче, дадоа изјава за медиумите.

Талат Џафери рече дека вакцинацијата ќе овозможи посоодветна работа на Собранието и дека очекува од втората половина на мај да се врати нормалниот начин на работа на Собранието.

Истакнувајќи дека според општиот план за имунизација денеска на ред се пратениците, Џафери рече дека како претседател на Собранието поднел целосен список со сите 120 пратеници.

– Кој ќе дојде, а кој нема да дојде, тоа веќе не е работа на Собранието, односно не е веќе одговорност на претседателот на Собранието. Тоа е волја на секој поединец, одговори Џафери на новинарските прашања.

Пратениците се вакцинираат во три групи, и тоа со вакцината „Спутник V“. Дел од пратениците се незадоволни. Им било најавено дека ќе се вакцинираат со „Фајзер“, а добиле од руските вакцини. Пратеникот и лидер на Демократски сојуз, Павле Трајанов вели дека додека граѓаните имале избор да одлучат со која вакцина ќе се вакцинираат, ним не им била дадена таква можност.

Во салата паралелно тече и вакцинацијата по возраст, односно на граѓаните над 73 години.

– Имунизацијата на територијата на целата држава се одвива добро. Од вакцината на „АстраЗенека“ има останато близу 5.000 дози. И како дополнување на тоа, околу 5.000 дози на вакцината „Фајзер“, кои веќе пристигнаа во земјата, информира министерот Филипче.

Филипче рече дека секој понеделник ќе добиваат по 5 до 7.000 дози, односно околу 26.000 предвидени за цел месец од вакцината „Фајзер“.

Се очекува доаѓањето на 200.000 дози на кинеската вакцина „Синофарм“, на 28 април. Вакцинацијата со вакцината на „Синофарм“, како што рече Филипче, ќе започне во вторник, непосредно по завршувањето на Велигденските празници.

Упатувајќи апел граѓаните да се пријават на сајтот за вакцинација, рече дека до овој момент пријавени се околу 150.000 граѓани.

Вакцинацијата ќе се одвива во три групи, односно од 10 до 18 часот. Претходно беа вакцинирани собраниските служби.

Владините претставници ќе се вакцинираат по празникот Велигден, кога ќе пристигнат и првите поголеми количини вакцини.

Share This Post