Oпштина Центар да одлучи дали ќе се гради објектот спроти „Холидеј ин“

Oпштина Центар на чија територија се наоѓа парцелата пред хотелот „Холидеј ин“ треба да одлучи за Деталниот урбанистички план и дали на таа локација треба да се гради или не, изјави  министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во интервју на „360 степени“ на телевизија Алсат-М. Според него, Општина Центар и градоначалникот Саша Богдановиќ може да побараат суспензија на Деталниот урбанистички план, кој ја вклучува и парцелата спроти хотелот „Холидеј ин“. Негов став е дека урбанизацијата треба да продолжи во согласност со потребите.

Говорејќи за новиот Закон за легализација на бесправно изградени објекти, Бочварски посочи дека тој ќе предвидува и високи казни со што би се одвратиле граѓаните да градат дивоградби. Вториот аспект е новиот Закон за урбанистичко планирање кој ќе овозможи урбанизирање на средините и поголем капацитет на општините да можат брзо да носат урбанистички планови, а третиот аспект е зголемување на капацитетите на инспекциските служби.

Како една од целите на новиот закон за легализација на дивоградбите ќе биде и решавање на статусот на општинските и државните објекти кои во минатото, иако биле изградени според редовни постапки, не биле впишани како постоечки, укажа Бочварски.

Share This Post