Монографија за живописот од 19 век во Струга и во Струшко

Монографијата „Живописот од XIX век во Струга и Струшко“, што неодамна ја издаде „Каламус“ во својата едиција „Културно наследство“, се засновува врз научните резултати од повеќегодишните истражувања на уметноста од 19 век во Струшко, со кои авторот, историчарот на уметноста Сашо Цветковски, има опфатено триесетина цркви по долината на реката Дрим, Струга, по крајбрежјето на езерото, Долни и Горни Дримкол, како и во пределите на струшката Малесија.

Во монографијата, Сашо Цветковски открива и проучува обемен материјал, што е малку испитуван досега, во доменот на фрескоживописот, иконописот, резбата, графичката и применетата уметност. Содржината на оваа обемна монографија е изложена низ три поглавја: две посветени на иконописот и фрескоживописот и едно поглавје посветено на црковно-историските околности во Струшко, а следуваат поглавјата со завршни разгледувања, библиографија и пошироко резиме на англиски јазик, илустрации и цртежи. Таа завршува со извадок од рецензијата на академик Цветан Грозданов, во чиј спомен, авторот ја посветува оваа книга.

Share This Post