Ѓорѓиев: Нема напредок во работата на македонско-бугарската комисија

На последните три средби на Комсијата не гледам желба за напредок кај бугарските колеги, вели Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим во заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања.

Во гостувањето на вестите на ТВ Сител, тој посочи дека на одржаниот онлајн 13. состанок на Мешовитата комисија не е постигнат никаков резултат. Се разговарало за македонските учебници за седмо одделение, додека темата Гоце Делчев воопшто не била отворена на барање на бугарската страна. Двете страни останале на истите позиции и главна причина што нема резултат, е различната перспектива на средновековието, како и големите разлики во пристапот на надминување на ваквиот вид спорови.

Прашан дали смета дека по изборот на нова влада кај источниот сосед, бугарските колеги може да добијат и поинакви инструкции за понатамошното водење на овој процес на преговори, Ѓорѓиев не очекува промена на ставот од Софија.

– Генерално не сметам дека Бугарија ќе го промени ставот во однос на историското минато за Македонија. Мислам дека постои голем консензус и хомогеност кај историчарите во Бугарија, посочува Ѓорѓиев. 

Во однос на предлогот од Австрија за меѓународно посредништво во изнаоѓањето компромис помеѓу двете земји, како и предлогот од европратеникот Андреас Шидер за вклучување тројца надворешни експерти историчари во работата на Комисијата, шефот на македонскиот тим, оценува дека тоа би било од корист.

– Ваков предлог беше даден од македонска страна уште на првата средба со нашите бугарски колеги и првиот состанок во Софија и за жал морам да кажам дека бугарските колеги тоа го одбија. Лично сметам дека една таква медијација, едни такви неутрални странци, кои не се  емотивно внесени во овој проблем, мислам дека можат да бидат од корист на Комисијата, смета Ѓорѓиев.

Наведува дека прашањето за Прличев останува отворено и треба да биде доработено, но вели бил изненаден од колегите од Бугарија кои излегле со изненадувачки предлог да биде отворено прашањето за браќата Миладиновци, бидејќи оваа година се навршува 160 години од објавувањето на Зборникот на народни песни на Браќата Миладиновци.

– Ние го поддржуваме тоа заедничко чествување на Браќата Миладиновци за тој Зборник, за тој јубилеј како еден од елементите кој може да помогнат во постигнување на добрососедство, меѓутоа ваквото адхок ставање на маса на теми за кои претходно не сме дискутирале, отворање на четврта тема, ние тоа го сметаме едноставно за контрапродуктивно во овој момент за работата на Комисијата. Не прифативме да дискутираме на вчерашаната седница за Браќата Миладиновци. Го сметам тоа како обид на колегите од Бугарија да се успори работата на Комисијата се додека не се надмине тој политички вакуум со изборите во Бугарија, вели Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања.

Share This Post