Македонско научно друштво-Битола, го одбележа денот на основањето

Македонско научно друштво (МНД) – Битола, свечено го одбележа денот на основањето – 25 април со изложба на фотографии и документи.

– Голем е аманетот на младите интелектуалци, основачи на друштвото. Трајна е вредноста на мисијата која како урнек и денес ја користат поединци и институции затоа што е градена трпеливо и со години, чекор по чекор. Тоа што сум првата жена претседател на Македонското научно друштво, искрено не го чувствувам како предност. Напротив, тоа е голема одговорност, исто толкава каква што имаа првите жени членки во тогашното Друштво за наука и уметност, истакна претседателот на МНД – Битола д-р Невена Груевска.

Во рамки на празничните активности, МНД-Битола приреди изложба на фотографии и документи, која авторот д-р Марјан Танушевски ја наслови како „Наши Години“ и е поместена во фоајето на битолскиот Центар за култура.

На 25 Април 1960 година во просториите на некогашниот Околиски државен Архив (денешна зграда на Ректоратот во Битола), група млади битолчани, интелектуалци, иницијатори за формирање на асоцијација за наука и уметност, во Битола основаа Научно друштво.

Иницијатори за формирањето беа група битолски интелектуалци и тоа: Милош Хр.Константинов-архивист, Душан Хр.Константинов, Коста Хр.Цингаровски-архивист, Тодорка Хр.(Спанакова) Дога-пом.архивист, Теко И.Таип-службеник, Олга Кривашија-проф. по историја, Велимир Ј.Костовски-проф. по географија, инж.Живко Паришко, Александар Ѓ. Тодоровски-проф. по биологија, Јован Д.Кочанковски-наставник по историја, Томе Ивановски-правник, Димитар Димитровски-наставник по македонски јазик и Владимир Ивановски-учител.

Првиот претседател на Научното друштво е професорот по македонски јазик Живко Василевски, а секретар Душан Хр.Константинов. Тогаш бил донесен и првиот нормативен акт, наречен Правилник за работа, со вкупно 13 члена, а било одлучено да се издава и научно гласило на Друштвото, наречено ,,Прилози”.

Првата редакција на Списанието ја сочинуваат: д-р Милош Хр.Константинов, главен и одговорен уредник и членовите Коста Ан.Цингаровски, Димитар Димитровски-Такули и Тодорка Хр.(Спанакова) Дога.

Македонското научно друштво – Битола ги имало следниве називи:

Научно Друштво (1960-1968)

Друштво за наука и уметност-Битола (1968-2002)

Македонско научно друштво-Битола (2002-….)

Share This Post